Нестабилното време најавено од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска веќе почна да се чувствува во одредени делови од државата, при што во Кочани се забележани пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Од УХМР информираат дека, според радарските слики, во околината на Кочани има поинтензивни атмосферски процеси, со локални врнежи и електрични празнења, кои на моменти се засилуваат.
Според најавите, денес времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, но попладне на повеќе места се очекува нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите може да бидат поинтензивни, со можност за невреме, обилен дожд, силен ветер над 60 километри на час и изолирана појава на град.
Минималните температури ќе се движат од 9 до 18 степени, додека максималните ќе достигнат од 23 до 32 степени.
Во Скопје, исто така, се очекува променливо облачно време со сончеви периоди, а попладне нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, со можност за краткотрајно невреме. Температурите ќе се движат од 15 до 30 степени.
Од УХМР најавуваат дека утре и во сабота времето ќе биде стабилно и посвежо, додека од недела повторно се очекува пораст на температурите и враќање на попладневна нестабилност со локални врнежи, грмежи и засилен ветер.