Балкан

Невремето во Словенија предизвика поплави во повеќе области

Невремето во Словенија предизвика поплави во повеќе области

Како последица на обилните врнежи во Словенија, реките надобија, некои се излеаа од коритата, но најлошото сценарио беше избегнато во ризичните области во земјата, јавува Anadolu.

Сирените се огласија во повеќе општини покрај Драва. Во долниот тек на Драва во текот на ноќта полека се зголемуваше нивото на водата и во поголема мера беше поплавен просторот под езерото Птуј, изјави Андреј Голоб, дежурен хидролог во Агенцијата за животна средина, пренесуваат локалните медиуми.

Во изминатите 24 часа се забележани вкупно 175 интервенции поради силно невреме пропратено со ветер, обилни врнежи и поплави, најмногу во областа Крањ, а потоа следуваат Нова Горица, Словењ Градец, Љубљана и Копер.

Во меѓувреме, силните ветрови и огромните бранови направија хаос во Пиран, еден од најживописните крајбрежни градови во Словенија, во петокот навечер. Уништени се неколку продавници во близина на морето, додека некои улици се затворени за сообраќај.

Силниот ветер однесе покриви и собори дрвја, а неколку патишта беа непроодни поради одрони. Како последица на невремето дошло и до прекин на електричната енергија.

Според прогнозата на метеорологот денеска делумно ќе се разведри во текот на денот. Во вечерните часови ќе дува југозападен ветер, а во текот на ноќта дожд од запад повторно ќе ја зафати цела Словенија, информираат од Агенцијата за животна средина (Арсо).

Во регионот голема штета претрпе и Хрватска, бидејќи во сплитската област беа оштетени зградите покрај морето. И во Шибеник ветерот корнеше дрвја и предизвика материјална штета.

Бурата „Циријан“, која ја зафати северозападна Европа со обилни врнежи и ветрови со брзина до 200 километри на час, однесе најмалку седум животи, оштети згради, затворени училишта, откажани летови, а во многу области беше прекинато снабдувањето со електрична енергија и сообраќајот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни