Николоски: 100 нови возила за модернизација на „Пошта“

Со цел унапредување на поштенските услуги и подобрување на ефикасноста, Македонска пошта доби нов возен парк од 100 товарни возила. Станува збор за 90 пикапи и 10 комбиња, кои ќе овозможат побрза и посигурна достава на пратките низ целата држава.

Набавката беше промовирана од заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, заедно со премиерот Христијан Мицкоски и директорот на претпријатието Орхан Куртиши.

Николоски истакна дека целта е „Пошта“ да се трансформира во профитабилна и конкурентна институција, која ќе нуди квалитетни услуги на пазарот, наместо сценаријата од минатото кога, како што рече, се размислувало за нејзина приватизација.

„Ова е првиот голем чекор кон подобрување на функционирањето на Пошта. Новите возила ќе помогнат значително да се забрза доставата на пратките, што е основната дејност на претпријатието“, изјави Николоски.

Тој нагласи дека набавката е реализирана по значително пониска цена од првично проценетата. Од околу 130 милиони денари, преку електронска аукција цената била намалена на 104 милиони денари, што претставува заштеда од над 400.000 евра.

Според министерот, ова е една од најповолните набавки од ваков тип во земјава, со просечна цена од околу 15 до 16 илјади евра по возило.

Николоски потенцираше дека обновувањето на возниот парк е неопходно, имајќи предвид дека постојниот бил застарен, а „Пошта“ има обврска да обезбеди универзална услуга – односно достава на пратки до секое населено место, без разлика на неговата оддалеченост.

Воедно, најави и нови инвестиции, меѓу кои набавка на современ софтвер и модерна сортирка, која, како што рече, ќе биде меѓу најнапредните во регионот.

Од Владата очекуваат со овие мерки да се намалат трошоците за околу 15 проценти и да се подобри профитабилноста на претпријатието за дополнителни 15 проценти, со што „Пошта“ би станала поефикасна и поодржлива на долг рок.