Николоски: Брза железница до 200 км/час е мојот „животен проект“

Македонија се подготвува за историски пресврт во железничкиот сообраќај. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, најави реализација на проектот за изградба на брза пруга на Коридорот 10, на која возовите ќе достигнуваат брзина од 200 километри на час.

Николоски овој проект го нарече своја најголема професионална амбиција и стратешки потег кој на земјата ќе и го врати геостратешкото значење во регионот. Проектот се развива во рамки на стратешко партнерство со Велика Британија, од каде веќе се ангажирани врвни светски компании за подготвителните студии.

„Ова е проект што го сонувам. Сакаме да изградиме брза пруга од границата со Србија до границата со Грција. За разлика од претходните планови кои предвидуваа само парцијална рехабилитација, нашиот модел е изградба на целосна брза железница во една фаза. Ова е повеќе од економски проект – ова е политички проект кој ја позиционира Македонија како клучна алка меѓу Атина и Будимпешта,“ изјави Николоски.

Се вчитува...

Според предвидувањата, патувањето од Скопје до Атина со новата пруга би траело околу 5 часа. Николоски нагласи дека карго сообраќајот би можел да биде оперативен веќе во 2028 или 2029 година, додека целосната пруга за патнички возови би била функционална до 2031 година.

Министерот откри дека веќе се преземаат чекори за набавка на нови возови и локомотиви кои ќе ги следат техничките перформанси на новата пруга.

„Бараме модерни возови за 150 до 250 патници, кои ќе оперираат на меѓуградските и меѓународните релации. Но, мојата најголема грижа не е изградбата, туку одржувањето. Веќе сега работиме со Македонски железници за обука на сериозни машиновозачи и технички кадар. Не смееме да дозволиме да ја изградиме пругата, а да немаме наши луѓе кои знаат да управуваат со таа модерна технологија,“ заклучи вицепремиерот.