Николоски најави „Градски воз“ во Скопје од 1 септември и набавка на нови патнички возови

Решавањето на сообраќајниот хаос во главниот град и модернизацијата на железничкиот сообраќај низ државата влегуваат во клучна фаза. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, ексклузивно најави дека проектот „Градски воз“ во Скопје ќе стане реалност веќе од почетокот на претстојната учебна година.

Според планот на Министерството, првата линија на градскиот воз ќе ги поврзува периферните населби со центарот на Скопје, користејќи ја постојната железничка инфраструктура.

„Ова е ексклузивна вест – проектот за ‘Градски воз’ е во напредна фаза. Линијата која ќе ги поврзува Зелениково, Драчево, Лисиче, Кисела Вода и Аеродром со Главната железничка станица треба да биде технички подготвена до крајот на јуни, а официјално да почне да функционира на 1 септември. Тоа ќе биде огромен чекор за растоварување на сообраќајниот метеж во Скопје,“ откри Николоски.

Паралелно со овој проект, министерот најави дека државата веќе го истражува меѓународниот пазар за набавка на нови, модерни патнички возови. Станува збор за набавка на два типа возила кои ќе ги задоволат потребите за внатрешен и меѓународен сообраќај.

„Веќе спроведуваме истражување на пазарот за набавка на нови возови. Ни требаат ‘двоколни’ возови со капацитет од 120 до 150 патници за меѓуградските релации и за градскиот воз, но и поголеми возови за 250 патници кои ќе оперираат на меѓународните линии, како онаа меѓу Скопје и Атина. Целта ни е да имаме возен парк што ќе може да ги следи брзините на новите пруги кои ги градиме,“ нагласи вицепремиерот.

Николоски потврди дека веќе е потпишан договорот со ЕБРД за набавка на нови локомотиви, со што се става крај на долгогодишната состојба во која Македонски железници располагаа со едвај неколку функционални машини. Овие инвестиции, според него, се јасен доказ дека железницата повторно станува приоритет на државата.