Македонија

Николоски: Не е доволно само да купиме нови возови, мораме да обучиме врвни машиновозачи за новата ера на железницата

Николоски: Не е доволно само да купиме нови возови, мораме да обучиме врвни машиновозачи за новата ера на железницата
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за „Ноќно студио“ на 4ТВ

Македонија се подготвува за технолошки скок во железничкиот сообраќај, но најголемиот предизвик нема да биде изградбата на пругите, туку човечкиот кадар кој ќе управува со нив. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, предупреди дека државата веднаш мора да започне со сериозна обука на машиновозачи и технички персонал.

Со најавата за брза железница која ќе развива брзина до 200 километри на час, Македонија влегува во групата на земји со висока технологија во транспортот, што бара сосема нов профил на работници во „Македонски железници“.

„Можеме да обезбедиме најмодерни возови и стабилно финансирање, но со тие возови некој треба да управува. Не можеме да позајмиме машиновозачи од Велика Британија. Затоа веќе сега, иако пругата ќе биде целосно оперативна до 2031 година, почнуваме со подготовки. Ни требаат сериозни луѓе кои ќе поминат низ ригорозни обуки за да можат безбедно да управуваат со возови на брзи пруги,“ истакна Николоски.

Министерот посочи дека во изминатите децении железницата била запоставена, што резултирало со одлив на стручен кадар, состојба која мора итно да се промени.

„Ако сега не ги искористиме овие пет-шест години за обука на нашите луѓе, ќе се доведеме во ситуација да имаме најмодерна пруга во Европа, а да нема кој да ја вози локомотивата. Мојот фокус е на периодот по ставањето на пругата во функција. Сакам македонски машинисти да ги возат возовите од Скопје до Солун и Атина. Тоа е патриотизам на дело – да ја изградиме државата и да им дадеме достоинствена и модерна работа на нашите граѓани,“ заклучи вицепремиерот.

Николоски најави дека во соработка со стратешките партнери ќе се организираат меѓународни обуки и сертификација за македонскиот железнички кадар, со што професијата машиновозач повторно ќе стане една од најпрестижните и најдобро платените во земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни