Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервјуто за „Ноќно студио“ на 4TV.mk, се осврна на актуелните политички случувања во земјава, најавената реконструкција на владиниот кабинет и односите со источниот сосед по промената на власта во Бугарија.
Николоски откри дека постои голем интерес кај партиите од опозицијата, особено од албанскиот политички блок, за приклучување кон владејачкото мнозинство. Според него, тоа е потврда за успешноста на досегашните политики на Владата.
„Факт е дека најголем дел од оние кои сега се во опозиција сакаат да станат дел од Владата. Тоа е добар сигнал за нас – значи дека политичките партии препознаваат оти преку учество во оваа влада можат да добијат поголема поддршка кај граѓаните. Сепак, ние остануваме посветени на нашето стратешко партнерство со ВЛЕН и ЗНАМ. Премиерот Мицкоски, како мандатар, ќе направи детална анализа на досегашните резултати пред да се донесат какви било одлуки за нови партнери,“ истакна Николоски.
Во однос на надворешната политика и евроинтегративниот пат, вицепремиерот го коментираше изборот на новата влада во Бугарија предводена од Румен Радев. Иако е претпазлив во очекувањата, Николоски посочи дека постојат прагматични можности за соработка.
„Не би сакал да ги кревам очекувањата во однос на политичкиот дијалог за ЕУ, но се надевам на прагматичност. На пример, новиот бугарски министер за транспорт е човек со кого веќе успешно соработувавме за решавање на проблемите со радарите минатата година. Можеме да најдеме многу точки што не спојуваат во делот на инфраструктурата и транспортот, доколку постои волја и од нивна страна,“ потенцираше министерот.
Николоски заклучи дека фокусот на Владата останува на домашните реформи и реализацијата на ветените капитални проекти, што според него, е најдобрата одбрана од секакви политички блокади.
