Премиерот Зоран Заев засега не е во план за реконструкција на Владата, тој кажа дека она за што размислува сега е предлозите за разрешување на двајцата министри Аксел Ахмедовски и Аднан Ќахил. „Верувам дека денеска во Парламентот ќе бидат поддржани предлозите за разрешување“, рече Заев.
-Не планирам, барем засега, поголема реконструција на Владата. Предозите за разрешување на двајцата министри во Парламентот се одлуки донесени од страна на раководствата на политичките партиципиенти во власта, кои бараа соодветна замена, изјави премиерот.
Меѓу другото повтори дека дефинитивно не се кандидира за претседател на државата и порача дека е добро да се разгледаат други кандидати и да се коментираат оти само така, како што рече, ќе се изведри на површина најдобрата личност која би била нашиот нов претседател.
-Мандатот на претседателот истекува на 12 мај и, како што е и утврдено, Македонија ќе има нов претседател. Согласно тоа, да бидеме позитивно фокусирани на успешни и демократски избори кои навистина ќе го изберат првиот човек на државата, претседателот на Македонија, рече премиерот.
Во однос на потребниот цензус, Заев верува дека ќе се постигне и дека претседателот ќе се избере во еден компетитивен натпревар меѓу повеќе кандидати.
