СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и натаму се обвинуваат меѓусебно. Но кој ја крие вистината за таблата со старото име “Република Македонија“ во Министерството за труд и социјална работа? ТВ21 направи анализа за појавувањето на двете министерки на прес конференции, Рашела Мизрахи и Мила Царовска на прес конференции. Ова е првото појавување на новата техничка министерка, Мизрахи пред новинарите.
Нашата камера ја сними таблата со името на која стои “Република Македонија“.
Оваа табла министерката Мизрахи вели дека ја наследила од претходната министерка Царовска. Таа вели дека не нашла друга табла со новото уставно име Република Северна Македонија во објектот на Министерството.
Екс министерката Мила Царовска во повеќето случаи давала изјави на терен, а ретко се обраќала од говорницата на Министерството со кое таа раководела.
Истата црвена табла со старото име кај Царовска стоела пред една година.
Откако е сменето името во Република Северна Македонија, Царовска при нејзиното појавување о позадина поставувала банер со тоа име, меѓутоа како што се гледа црвената табла со старото име била тука уште во времето на Царовска и останало таму. Таблата била само покривана со банер на кој стоело новото име “РСМ Министерство за труд и социјална работа“.
Од СДСМ ја обвинуваат Мизрахи дека ја отстранила таблата со уставното име на РСМ и министерот за надворешни работи Димитров побара од техничкиот премиер Оливер Спасовски да ја разреши доколку продолжи да го прекршува Уставот истакнувајќи дека во нејзиното постапување има елементи на кривична одговорност. Тој рече дека за тоа ги известил меѓународните партнери на земјава.
„Послушничката на Христијан Мицкоски и кадарот на Груевски Рашела Мизрахи не само што го крши Уставот и го загрозува членството во НАТО и ЕУ туку и дрско лаже. Мизрахи лаже дека немало нова табла во Министерството за труд и социјална политика. До доаѓањето на Мизрахи во Министерството се почитуваа уставот, законите и уставното име на државата“, велат од СДСМ.
Побаравме одговор и објаснување и од екс министерката Царовска, но одговор не добивме. До овој момент таа се уште не се произнела во врска прашањето за таблата.