Вооружени лица на мотоцикли убија најмалку 30 лица и запалија куќи и продавници во три села во северозападната нигериска држава Нигер во неделата, соопштија жителите кои избегаа од насилството, објави Ројтерс.
Нападите врз селата во близина на границата со Бенин се дел од порастот на насилството за кое се обвинуваат „бандитите“, кои исто така вршат киднапирања за откуп, соопшти агенцијата.
Нивното насилство ги расели заедниците низ северна Нигерија.
Немирите и нападите се сериозна причина за загриженост во Нигерија, а владата е под зголемен притисок да ја врати стабилноста, објави Ројтерс.
Портпаролот на полицијата на државата Нигер, Васиу Абиодун, го потврди нападот во едно од селата.
„Осомничените бандити го нападнаа селото Тунга-Макери, каде што беа убиени шест лица, некои куќи беа запалени, а бројот на киднапираните сè уште не е познат“, рече тој.
Тој додаде дека напаѓачите продолжиле кон селото Конкосо, додека деталите за другите напади сè уште не се јасни.
Жител на Конкосо, кој избегал во блискиот град, рекол дека нападот врз неговото село започнал во раните утрински часови со спорадични престрелки.
„Најмалку 26 лица се убиени досега во селото откако напаѓачите ја запалиле полициската станица“, рекол тој, додавајќи дека пукале неселективно.
Друг сведок рекол дека напаѓачите, возејќи повеќе од 200 мотоцикли, поминале низ областа, напаѓајќи села.
Тој додал дека многу селани се плашеле да се вратат бидејќи вооружените мажи останале во близина.
