Германија утре ќе го почувствува најсилниот удар од актуелниот топлотен бран што го зафати поголемиот дел од Европа, со температури кои на места се очекува да достигнат и до 39 степени Целзиусови.
Според Германската метеоролошка служба (DWD), најтопло ќе биде во најголем дел од земјата, каде што максималните температури ќе се движат меѓу 32 и 39 степени, додека долж крајбрежните предели се очекуваат вредности од 26 до 31 степен.
Покрај екстремните горештини, метеоролозите предупредуваат и на можност за силни невремиња, особено во северните делови на Германија, каде се очекуваат грмотевици и ветрови со орканска јачина.
„При вакви брзини на ветерот, дрвјата можат да бидат искорнати, а големи предмети можат да летнат во воздух“, предупреди метеорологот Нико Бауер.
Од DWD најавуваат дека во петок ќе следи промена на временската слика. Во југоисточните делови на земјата и понатаму ќе се задржи топлото време, додека од Балтичкото Море до областа Долна Рајна температурите ќе се намалат на околу 25 степени.
Воедно се очекуваат врнежи од дожд и грмотевици во појасот од југозапад кон североисток, а викендот се очекува да започне со посвежи температури.