Балкан

Нов топлотен бран се движи кон Балканот: Температурите ќе достигнат до 41 степен

Нов топлотен бран се движи кон Балканот: Температурите ќе достигнат до 41 степен

По краткото затишје, Балканот повторно се подготвува за силен топлотен бран кој, според најавите на метеоролозите, ќе донесе екстремно високи температури, тропски ноќи и значително зголемен ризик од шумски пожари во наредните денови.

Метеоролошката служба Severe Weather Europe (SWE) предупредува дека над југозападна Европа е формирана голема и стабилна „топлинска купола“, која постепено се шири кон север и исток. Топлотниот бран веќе ги зафати Шпанија, Португалија и Франција, а до крајот на неделата и во текот на следната се очекува да го зафати и Балканот, како и поголем дел од Медитеранот.

Според најновите прогностички модели, жешката воздушна маса што пристигнува од северозападна Африка ќе донесе дневни температури меѓу 38 и 41 Целзиусов степен во повеќе земји од регионот, како и во јужна Италија.

Метеоролозите предупредуваат дека состојбата дополнително ја отежнува долготрајната суша, која веќе ги исцрпи почвата и вегетацијата по серијата топлотни бранови во мај и јуни. Поради тоа, се очекува значително да се зголеми опасноста од избувнување и брзо ширење на шумски пожари.

Надлежните апелираат граѓаните да бидат внимателни, да избегнуваат престој на отворено во најтоплиот дел од денот и строго да ги почитуваат мерките за спречување пожари, особено во шумските и сувите подрачја.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни