Нов закон ќе овозможи побрзо приклучување на соларни панели – прагoт за домаќинствата зголемен на 10 kW

Министерството за енергетика предлага измени на Законот за енергетска ефикасност со кои се предвидува значително олеснување за граѓаните и фирмите кои сакаат да инвестираат во соларна енергија.

Според предложените измени, максималната дозволена моќност за домашни фотоволтаични електрани се зголемува од сегашниот праг на 6 kW на 10 kW. Кај правните лица, односно фирмите, лимитот се зголемува на 70 kW.

Како дополнителна олеснителна мерка, се предлага и воведување законски рок од еден месец за издавање дозволи за соларни инсталации до 100 kW. Целта е да се поедностави и забрза процедурата за добивање одобренија.

Новитет е и обврската на операторот на електродистрибутивниот систем да одговори на барањата за приклучок во рок од 15 дена, а приклучувањето да биде завршено најдоцна во рок од еден месец. Доколку операторот не се произнесе во предвидениот рок, автоматски ќе се смета дека е дадена согласноста.

Од Министерството појаснуваат дека овие измени имаат за цел да го поттикнат развојот на обновливите извори на енергија и да го олеснат приклучувањето на т.н. потрошувачи-производители кон мрежата.

Паралелно со измените на законот, се работи и на долгорочна стратегија што ќе предвиди задолжително поставување на соларни колектори при изградба или реконструкција на јавни и станбени објекти. Во подготовка се и финансиски механизми за поддршка на инвестиции во обновливи извори на енергија.

Мерките се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност и намалување на емисиите на штетни гасови.