Личната волја на граѓаните за дарување органи по смртта да стане клучен чекор во зголемување на бројот на трансплантации во земјава – ова е целта на новите законски измени што ги предлага Министерството за здравство.
Со можноста полнолетните граѓани доброволно да дадат изјава кај својот матичен лекар дека сакаат нивните органи по смртта да бидат донирани, надлежните очекуваат да се надмине еден од најголемите проблеми со кои се соочува органодарителството – недостигот на донатори и одбивањето на семејствата во случаи на мозочна смрт.
Според предложените измени на Законот за земање и пресадување делови од човечко ткиво заради лекување, секое полнолетно и деловно способно лице ќе може за време на животот да даде писмена согласност за дарување органи. Изјавата ќе се потпишува пред избран лекар, ќе се евидентира во здравствениот систем и ќе биде дел од електронското досие на пациентот.
Националната координаторка за трансплантации, д-р Биљана Кузмановска, објаснува дека согласноста ќе биде доброволна и може да се промени или повлече во секое време.
„Целта е да се зголеми бројот на потенцијални донатори. Дали лицето ќе ги исполнува медицинските критериуми за донација и кои органи ќе можат да се користат, ќе се проценува индивидуално доколку смртта настапи исклучиво како мозочна смрт“, посочува Кузмановска.
Таа нагласува дека личната одлука на граѓанинот ќе има предност пред ставот на други лица.
„Личната, индивидуална волја е над волјата на други лица“, вели Кузмановска.
Темата за органодарителството повторно се најде во фокусот на јавноста по неодамнешен пример кога едно семејство се согласило органите на свој починат член да бидат донирани. Благодарение на тој чин биле извршени успешни трансплантации – срце и бубрег биле пресадени кај пациенти кои добиле нова шанса за живот.
Сепак, статистиката покажува дека потребите се многу поголеми. Од првата трансплантација на бубрег во 1977 година досега во земјава се извршени околу 510 трансплантации, додека бројот на пациенти кои чекаат орган останува значителен. Од 2020 година, кога е извршена првата трансплантација на срце, реализирани се околу десетина вакви зафати.
Од Здружението „Нефрон“, кое ги застапува бубрежно болните лица, велат дека го поддржуваат воведувањето на лични изјави, но потсетуваат дека слично решение постоело и порано, без значителен ефект врз бројот на донатори.
Според нив, потребна е поширока кампања, подобра информираност на граѓаните и дополнителни механизми како воведување картички за дарителство или електронска регистрација на одлуката.
Експертите посочуваат дека за зголемување на бројот на донатори не е доволно само законско решение, туку и поголема свест кај граѓаните, подобра едукација и навремено препознавање на потенцијалните донатори во здравствените установи.
Премиерот Христијан Мицкоски, на трибина посветена на органодарителството, порача дека за оваа тема мора отворено да се разговара.
„Трансплантацијата е ново утро за човек кој мислел дека надежта исчезнува. Зад секоја успешна трансплантација стои една човечка приказна – приказна за борба, трпение и надеж“, рече Мицкоски.
Со новиот систем, институциите очекуваат повеќе граѓани да ја искажат својата волја и со тоа да се создадат услови за повеќе спасени животи.