Пациентките кои се борат со рак на дојка повторно се соочуваат со недостиг на клучна онколошка терапија. Преку социјалните мрежи, заболените алармираа дека на Клиниката за онкологија веќе два дена го нема лекот „Фезго“.
Министерот за здравство истакна дека не е запознаен со случајот, додека од Клиниката за онкологија вината ја префрлија кај дистрибутерот. Според нивното образложение, доцнењето е поради спојувањето на викендот со празничниот ден, со ветување дека лекот ќе биде достапен уште утре.
Покрај „Фезго“, на онкологија повремено се јавува недостиг и на цитостатикот „Таксол“, за кој, за среќа, постои соодветна замена.
Аларм од здруженијата: Неопходни се системски промени
Од здружението на онколошки пациенти „ХЕМА – ОНКО“ потенцираат дека ваквите кризи ќе се повторуваат сѐ додека темелно не се измени моделот по кој се вршат набавките.
„Неколку пати апелирам дека сѐ додека немаме промени во начинот на кој се набавуваат лековите, континуирано ќе се соочуваме со вакви проблеми. Иако во последните неколку случаи вината е кај добавувачите, а не кај Клиниката за онкологија која навреме ги прави набавките, системот мора да претрпи промени“, изјави Ана Марјановиќ од „ХЕМА – ОНКО“.