Премиерот Зоран Заев најави можност идната недела повторно да седнат на маса со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за постигнување заеднички компромис за законот за Јавното обвинителство. Тој ова го изјави од Њујорк во интервју за Гласот на Америка од каде оптимистички најави дека може да се очекува до 15 октомври, кога се очекува одлуката за почнување преговорите со Европската унија, да се постигне конечен договор.
„Се надевам дека ќе изнајдеме решение, покажавме демократска зрелост, понудивме Обвинителство за гонење на висока корупција. Како секаде во регионот, така и во нашата земја има потреба од таква работа, каде што на предлог на опозицијата би се предложил самиот јавен обвинител. Верувам дека и тука ќе продолжиме да разговараме, начинот на изборот, која е гаранцијата дека може да се избере таква личност како тоа би се убрзало да се избере, како ќе биде воспоставено“, рече Заев.
Иако на последната средба на работните групи која траеше само околу 15-ина минути, Заев, вели дека по неговото враќање очекува да види некакво приближување на ставовите.
„Јас очекувам веднаш штом се вратам да има нешто подготвено од работните групи, од преговарачите, од луѓето кои што се упатени од двете страни за оваа работа, идната недела би бил спремен да се сретнам и со шефот на опозицијата и самите работни брупи да направат една работна средба, тоа значи дека пред Министерскиот совет а тоа е 15 – 16 октомври убаво е да го решиме ова прашање“, изјави Заев.
Според неофицијални информации лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски начелно не отфрлил средба, но наводно нема да отстапи од своите барања за избор на обвинител кој темелно ќе ги испитува сите случаи на корупција вклучително и последниот случај Рекет. На последната средба на работните групи Антонио Милошоски рече дека за нив е важно опозицијата да ја има клучната улога во номинирањето на новиот главен обвинител според методологија која тие ја предлагаат.