Македонија

Нови докази за „Пулс“: Во судница презентирани документи за сопственоста и легализацијата на објектот

Нови докази за „Пулс“: Во судница презентирани документи за сопственоста и легализацијата на објектот
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Судскиот процес за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска продолжи во судницата во „Идризово“ со презентирање на материјални докази од страна на Обвинителството, кои се однесуваат на сопственичката структура, документацијата и легалноста на објектот каде што избувна пожарот во кој животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени.

На денешното рочиште пред Судот беа изведени документи поврзани со правната и фактичката историја на објектот, вклучително и податоци за сопственоста, доградбите и легализацијата на делови од објектот во кој функционирала дискотеката.

Меѓу доказите беа презентирани и 19 записници од комунални инспекциски увиди во кафе-барот „Класик“, во кои како управител е наведен Митко Стојанов, а контролите биле спроведувани во негово присуство.

Обвинителството приложи и документација поврзана со барање за изградба на деловен објект поднесено од Никола Кузманов во 1999 година, заедно со планови, елаборати и одобренија за градба издадени од тогашното Министерство за урбанизам и градежништво.

Во судницата беа разгледани и документи од Гроздан Милковски, сопственик на имотот каде што работела дискотеката „Пулс“, како и документација за легализација на бесправно изграден дел од објектот. Дел од доказите се однесуваат и на доградби изведени без соодветна документација.

На претходното рочиште Обвинителството презентираше видео снимки и фотографии од клубот „Пулс“, меѓу кои и материјали од кобната вечер, но и снимки од периодот кога објектот работел во минатото.

Судот денеска посочи дека доказите доставени од Обвинителството се обезбедени во оригинална форма и им овозможи на бранителите увид во документацијата.

Во меѓувреме, одбраната на Митко Стојанов достави барање за укинување на мерката притвор и нејзина замена со мерки за претпазливост. Според одбраната, Стојанов повеќе од една година е без работа и приходи и треба да работи за да може да го отплаќа хипотекарниот кредит.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на државата. Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни