Следната година се предвидува да се смени форматот на изводот од матичната книга на родените. Во него ќе се додаде графа за етничката припадност.
Ова за ТВ21 го потврди пратеникот на ДУИ, Артан Груби кој потврди дека ова следи како иницијатива на ДУИ за да се избегнат злоупотреби на етничката припадност при вработување.
ТВ21 го контактираше и директорот на управата на матичната евиденција, Бујар Дардишта, кој не сакаше да открива детали, туку накратко ни кажа дека деловникот се уште не поминал, но потврди дека има подготвеност за измена на изводите, што може да се случи следната година.
Од Движење Беса на почеток од годината ја условија владата за замена на нивниот глас за уставните измени, да се додаде графа за етничка припадност во личните карти, но сега владата не го одржа дадениот збор.
Имајќи предвид дека владата во веќе предложениот закон во Собрание нема предвидено вметнување графа за етничка припадност во личните карти, од Беса велат дека својата цел ќе се обидат да ја постигнат преку амандмани, со верување дека “пратениците од мнозинство нема да го погазат постигнатиот договор во текот на уставните измени“.
Означувањето на етничката припадност повторно се актуелизираше кога пред неколку дена, одредени лица со македонско име и презиме, се изјасниле како Албанци со цел да се вработат во Град Скопје според балансерот предвиден за Албанците. Надлежните, како во извршната власт така и во локалната, кренаа раце од ова, велејќи дека никој не може да му го негира некому правото за неговото етничко потекло.