Македонија

Нови оправдувања на Катица Јанева – „Разговарав со Камчев со цел да стане наш соработник“

По објавувањето на третото видео за случајот „Рекет, со реакција се јави специјалната обвинителка Катица Јанева . Во писмената изјава таа вели дека  во интерес на предистрагите и истрагите кои се водат, повеќе пати разговарала со разни лица осомничени лица, во обид да се издејствуваат подобри позиции во предметите, а тоа често како што вели се случувало да се одвива преку од нив назначени посредници.

„Во конкретниот случај, во тој период, се водеа преговори од моја страна со лицето О.К. да стане соработник – сведок во една нова предистрага која ја водевме во Обвинителството, заедно со еден од моите помошници обвинители. Ги повикувам истражните органи што е можно побргу да ја завршат истрагата, да ги приберат сите докази и да ги завршат сите форензички вештачења поврзани со случајот „Рекет“, за целосно расчистување на овој случај и обелување на моето име“, изјави Катица Јанева.

Но, поранешниот обвинител Александар Наков вели дека оправдувањата на Катица Јанева паѓаат во вода затоа што такво нешто не предвидува законот.

„Начинот пристапот на работата и методите кои се користат за таквото нејзино оправдание се сосема други. Законот стриктно ги предвидува тие работи, но таа тоа не го прави така. Го прави многу лаички, многу невкусно, спротивно на законот. Законот ги предвидува сите правила на играта за тоа како треба да се води истрагата. Тоа се нејзини оправдувања за своја лична заштита, но никако не можам да прифатам дека сето тоа е во интерес на истрагата“, изјави Александар Наков – поранешен обвинител.

Во последните писмени изјави Јанева признава дека тоа е нејзиниот глас. Сепак, се правда дека  имала оправдана причина.

„Сум разговарала за зголемување на степенот на соработка со осомничените, за откривање на нови сознанија во корист на истрагата, поточно, за подобрување на нашите позиции како јавни обвинители, но во никој случај и во ниеден момент не сум тргувала со никакво влијание, не сум ја злоупотребила својата функција и не сум постапувала спротивно на законот. Обвинител е секогаш обвинител, па и кога разговара со осомничени по телефон, а за ваква изјава во тој момент имаше оправдана причина“, изјави Катица Јанева.

Но, една недела откако беше отворен случајот „Рекет“ и откако беа приведени Боки 13 и Кичеец, Катица Јанева одржа прес конференција на која не дозволи да се поставуваат прашања од страна на новинарите. Тогаш таа изјави дека Бојан Јовановски, го злоупотребил нејзиното име и пријателството, тврдејќи дека ниту свесно  ниту несвесно не прекршила никаков закон. Сепак, по последните објавени снимки, специјалната обвинителка тврди дека разговарала со Орце Камчев, но поради, според неа, оправдани причини.

РЕПОРТЕРКА: АРБАНА Ќ. КЛИМЕНТА

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни