Новинарот Скрински во „Ноќно студио“: Политичарите чекаат да се мразиме, но Македонците и Бугарите нема што да делат

Светот е доволно поделен и секогаш може да се најде причина за кавга, но граѓаните на Македонија и Бугарија имаат природна поврзаност која политиката не смее да ја уништи. Оваа силна порака ја испрати бугарскиот новинар Румен Скрински од Actualno.com во своето интервју за емисијата „Ноќно студио“ на телевизијата 4tv.mk.

Според него, политичките елити се тие што профитираат од тензиите, но реалниот живот на луѓето од двете страни на границата покажува друга слика.

„Бугарија, бугарскиот народ и македонскиот народ имаат историски врски. Тие треба да продолжат да бидат братски народи, да се почитуваат, да се сакаат и да се уважуваат. Од двете страни на границата немаме што да делиме. Можеме да патуваме слободно, речиси веќе, со лична карта. Роамингот поевтини… Секоја сабота и недела гледам Бугари кои се на границата и одат во С.М. едноставно за да ручаат. Овие работи сметам дека ниедна политичка ситуација не треба да се дозволи да ги уништи“, потенцира Скрински.

Запрашан за улогата на медиумите во градењето на односите, новинарот за 4tv.mk истакна дека токму тие ја имаат клучната алатка за борба против поделбите. Тој го сподели и позитивниот пример од неговата редакција која ја реализира емисијата „Студио Балкани“.

„Денес сметам дека токму медиумите се тие кои имаат најголема одговорност секојдневно да работат на зближување на двата народа… Ние можеме за секоја работа да се скараме, за секоја работа да се спротивставуваме, политичарите само тоа го чекаат, да видат едни настрвени луѓе кои незнајно од кои причини се мразат. Не смееме да им го дозволиме тоа, треба да работиме на тоа соседот да ни биде сосед, пријателот да ни биде пријател“, заклучи Скрински во „Ноќно студио“.