Ново име во Надзорниот одбор на Стопанска банка АД Скопје

Централниот регистар официјално ја запиша промената во Надзорниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје, со одобрување од Народната банка.

Со решението донесено на 20 август 2025 година, во Надзорниот одбор на банката е назначена Димитра Доима од Грција, доктор по меѓународни финансии. Таа ќе биде дел од органот задолжен за надзор врз работењето на институцијата.

Од документот произлегува дека назначувањето е извршено врз основа на претходна согласност издадена од Народната банка на Северна Македонија, со решение број 15-13009/5 од 19 јуни 2025 година.

Новата членка Доима има адреса на живеење во Врисилија, Грција, а нејзиното овластување се однесува на функцијата член на Надзорен одбор.

Инаку, Стопанска банка АД – Скопје е една од водечките финансиски институции во земјава, а промените во нејзините управувачки органи се вршат со претходна согласност на централната банка, во согласност со Законот за банките.