Канадските безбедносни власти објавија извештај за последното патување на подморницата „Титан“, која во јуни 2023 година имплодираше за време на нуркањето кон остатоците од „Титаник“. Во извештајот се наведува дека компанијата „Оушнгејт“ немала доволно разбирање за ризиците поврзани со речиси нетестираната подморница, пишува „Гардијан“.
Подморницата од карбонски влакна, долга 6,7 метри, се спуштила во Атлантскиот Океан во јуни 2023 година на пат кон остатоците од „Титаник“, но комуникацијата била прекината помалку од два часа подоцна. Нестанувањето предизвикало меѓународна потрага.
Остатоците од „Титан“ биле пронајдени неколку дена подоцна, со што било потврдено дека петтемина патници загинале во имплозијата. Во подморницата се наоѓале британскиот истражувач и пилот Хамиш Хардинг, британско-пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот 19-годишен син Сулејман, францускиот експерт за длабоководно нуркање Пол-Анри Наржоле, како и основачот на „Оушнгејт“, Стоктон Раш.
Компанијата „Оушнгејт“ организирала туристички патувања до остатоците од „Титаник“, кој потонал во 1912 година по судир со санта мраз. Остатоците од „Титан“ биле пронајдени на длабочина од речиси 4.000 метри, на околу 640 километри од брегот на Њуфаундленд.
Пропусти во конструкцијата и тестирањето
Во извештајот на Канадскиот одбор за безбедност во сообраќајот како главни причини за несреќата се наведуваат пропусти во дизајнот и корпоративната култура на компанијата. „Оушнгејт“ се претставувал како пионер во развојот на подморници од карбонски влакна за големи длабочини.
„Не постоел претходен пример за нуркање на подморница од карбонски влакна со човечки екипаж во длабок океан, а компанијата и интерно и јавно признавалa дека нејзините операции носат ризик“, навеле инспекторите.
Компанијата изработила два модели на „Титан“ во размер 1:3 за да ја тестира реакцијата на притисок, но двата модели откажале на длабочини поголеми од онаа на која се наоѓа „Титаник“. „Оушнгејт“ потоа го изменил дизајнот, но не знаел дека цилиндерот на „Титан“ се оштетувал при секое изложување на екстремен притисок.
„Вообичаената инженерска практика би била моделот во целосна големина да биде изложен на многу значителен број тестирања, можеби стотици или илјадници“, стои во извештајот.
„Оушнгејт“ спровел релативно мал број тестови на конечната подморница, па не било познато колку циклуси под екстремен притисок може да издржи трупот.
Трупот постепено ослабувал
Во извештајот се наведува дека дизајнот на „Титан“ бил иновативен, но дека изградбата и тестирањето не ги следеле стандардните инженерски практики. Анализата на остатоците од материјалот покажала структурни недостатоци кои можеле да ја нарушат целината на подморницата.
Инспекторите навеле повеќе ситуации во кои подморницата можела да биде оштетена, вклучувајќи судир со остатоците од „Титаник“ во 2022 година и силен удар при излегување на површината неколку дена подоцна. „Титан“ речиси една година бил оставен на отворено и изложен на временски услови.
„Секој пат кога структурата е под оптоварување, може да се насоберат мали оштетувања. Колку е поголемо оптоварувањето, толку побрзо ќе се акумулираат тие оштетувања“, се наведува во извештајот.
Иако подморницата претходно успешно извршила 13 нуркања, истражителите сметаат дека слабостите во материјалот постепено се наталожувале. Тие проценуваат дека до имплозија на трупот дошло на длабочина поголема од 3.000 метри.
Акустичниот систем за следење, кој требало да го предупреди екипажот за можен дефект, не бил тестиран за да се потврди дека навремено и сигурно ќе даде предупредување. Во извештајот се наведува дека системот не функционирал како што било предвидено.
Игнорирање на предупредувањата
Освен техничките недостатоци, инспекторите утврдиле проблеми и во начинот на носење одлуки во „Оушнгејт“. Во извештајот се споменуваат „групно размислување“, притисок кон единствен став и преценување на способностите на тимот.
„Во текот на работењето на „Оушнгејт“, вработени со стручно знаење во одредени области ја напуштале компанијата или биле отпуштени откако изразиле загриженост за безбедноста или изнеле различни ставови од директорите“, стои во извештајот.
Се додава дека пристрасноста при потврдување на сопствените ставови влијаела врз носењето одлуки и управувањето со ризикот поврзан со структурната стабилност на „Титан“.
Недостаток на надворешен надзор
Во извештајот се предупредува и на слабата регулација на подморниците наменети за длабоководни патувања. Се наведува дека немало надворешни проверки на процесите за проценка на ризик на „Оушнгејт“ од страна на регулаторните тела во ниту една од земјите каде што компанијата работела.
Поради ограничената размена на информации, канадското Министерство за транспорт често немало клучни податоци за „Титан“. По заедничка мисија во 2021 година било утврдено дека „Титан“ немал сертификат, бил изграден од невообичаени материјали и дека „Оушнгејт“ немал осигурување.
Канадското Министерство за транспорт предупредило дека без промена на политиките постои ризик пловилата и екипажите да продолжат да работат без минимални мерки за заштита, што може да доведе до небезбедни услови и смртоносни несреќи.
„Со години повикуваме на посилен регулаторен надзор во поморскиот сектор. Животите се загрозени кога безбедносните пропусти не се решаваат“, изјавила претседателката на Канадскиот одбор за безбедност во сообраќајот, Јоан Марие.да