Со низа дофрлања, меѓусебни коментари, па и аплаузи за обраќања, измина првата собраниска седница за персонален избор на комисиите која практично требаше да биде и техничка поради претходен договор меѓу власта и опозицијата. Атмосферата се вжешти откако Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека пратениците немаат појма од право, а на ова претседателот на Комисијата за избори и именувања Костадин Костадинов пак и врати, подобро помалку знаење отколку фри-шоп криминал. Од ВМРО-ДПМНЕ инсистираа дека пред да се гласа треба да се донесе одлука за бројот и составот на комисиите, но од СДСМ сметаат дека таква одлука постои само со гласањето се одредува новото членство.
„Јас и по однос на составот, на предложениот состав заради прекршување на оваа процедура ќе гласам воздржано бидејќи недостасува еден клучен елемент. Мора да имате форма, мора да имате одлука, мора да имате комисија пред истата да одлучите да ја пополните. Не може Талат Џафери, прво да ја врзе машната па после да ја облече кошулата“, вели Антонио Милошоски.
„Не биди сигурен дека не можам“, му додава Талат Џафери.
„Во членот 3 стои – Со денот на влегување во сила на оваа одлука престанува да важи одлуката за основање на работни тела од 2014-та. Значи, во одлуката од 2014 стои, пак исто во членот 3 таа одлука од 2014-та престанува да важи таа од 2011-та, а со таа од 2011 престанува да важи од 2008. Сакам да кажам дека имаме постоечка одлука и таа важи се додека не донесеме нова и ние во одлуката за формирање на комисии се повикуваме на 2017-та година“, посочува Јован Митревски.
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе раководат со по 8 комисии, ДУИ со три, а БЕСА, како и коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива со по една. По ова беше верификуван и пратеничкиот мандат на новата пратеничка Емилија Рамбабова која дојде на местото на министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска. Со комплетирањето на Собранието, пратениците ќе можат да работат на законите кои чекаат измени и тоа оние за основно и средно образование, како и за одлуките за прогласување вонредна состојба кои ги донесе претседателот Стево Пендаровски поради пандемијата со Ковид 19. Деновиве треба да се одржи и седница за избор на замениците министри.
.
