Во новогодишните честитки, лидерите на земјата вметнале и политички елемент. Нивните говори за Нова Година, всушност не се разликуваат од нивните секојдневни изјави. Претседателот на државата Ѓорге Иванов, смета годината што ја оставаме зад нас е кошмар кој треба да го заборавиме што поскоро.
„Годината што измина сите сакаме што побрзо да ја заборавиме, а годината што доаѓа да биде година на остварување на сите наши желби и соништа.Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности. Ја чувствуваме потребата да бидеме солидарни, хумани, чесни и праведни. Да се сакаме, да си простуваме и да се почитуваме“, истакна Иванов.
Премиерот, Зоран Заев, смета дека 2018 беше година на интеграциите. Тој исто така зборува за висок стандард на живеење кој се гради во државата.
„Денес, нашата држава е на чекор да стане 30тата членка на најмоќната алијанса во светот, НАТО. Се подготвуваме за почеток на преговорите со Европската Унија, процес со кој градиме држава по европски стандарди и со што стануваме рамноправни со граѓаните од Европската Унија. Државноста се потврдува само во заедница со другите, а не во изолација. Ја градиме Македонија да биде богата и современа држава, во која сите граѓани ќе имаат пристоен живот и благосостојба, за себе и за своите фамилии. Земја на инвестиции и модерна инфраструктура, земја на солидарност и заедништво, каде сите ќе се почитуваме меѓусебно и ќе си помагаме“, изјави Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, е целосно депримиран поради настаните од оваа година. Според него, подобриот живот кој го вети премиерот, го нема никаде. Тој зборува и за најтешките моменти во годината што изминува.
„Во годината што измина паметам црно и мачно време. Нема подобар живот, економијата не расте, нема инвестици, здравство и образование се пред колапс. Наместо тоа, афери, скандали, руинирано и клекнато судство, притисоци… Сакаат да станеме апатични поради колективната несреќа која ја донесоа. Да се навикнеме на тешкиот живот, да ја нарушат самодовербата, да го скршат карактерот, за да може полесно се да им минува. Очигледно не си ги познаваат граѓаните доволно, ги потценуваат. Кога ми беше најтешко во годината што помина? Кога го менуваа името, посегнаа по идентитетот. Длабока рана оставија“, рече Мицкоски.
Лидерите на албанските партии, немаа новогошни видео честитки на кои има новогодишна елка и големи зборови за магичен живот кој не очекува во 2019 година.
