Новогодишно обраќање на претседателот Иванов: Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите желби

Претседателот на Македонија Ѓорѓе Иванов со новогодишно обраќање до сите граѓани на државата. Првиот човек на државата им посака на сите успешни празнични денови, и остварување на сите желби во Новата година.

„Почитувани сограѓани,

Се вчитува...

Доаѓањето на новата година кај секој од нас буди нови надежи, нови очекувања и копнежи за поубава, посреќна и безгрижна иднина.

Годината што измина сите сакаме што побрзо да ја заборавиме, а годината што доаѓа да биде година на остварување на сите наши желби и соништа.

Во овие моменти кога ја чувствуваме моќта на надежта и на радоста, се навраќаме на основните човечки вредности. Ја чувствуваме потребата да бидеме солидарни, хумани, чесни и праведни. Да се сакаме, да си простуваме и да се почитуваме.

Позитивните мисли што носат ведрина во овие празнични денови, треба да не водат во текот на целата година.

Но, да бидеме и доблесни да ги признаеме сопствените грешки и пропусти и да учиме од нив. Да бидеме храбри пред повикот на одговорноста и сите заедно да се посветиме и да градиме праведно општество засновано врз вистината, слободата и мирот. Само во успешна и просперитетна татковина ќе можеме да ги оствариме нашите желби.

Овие празнични мигови ви посакувам да ги поминете достоинствено и спокојно, со луѓето кои најмногу ве сакаат, почитуваат и чуваат.

Ви посакувам многу здравје, радост и среќа, и на секој предизвик да одговорите со мудрост и со добрина.

Ви посакувам да имате меѓусебно разбирање, доверба и многу љубов во семејството, со пријателите, соседите, колегите и со сите ваши сограѓани.

Од сè срце ви посакувам Среќна Нова 2019-та Година!

Извор: ТВ21