Од утре новиот закон за Јавно обвинителство ќе треба да се најде на пленарка пред пратениците во Собранието. Со тој закон Специјалното јавно обвинителство ќе се интегрира во досегашното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, но со проширени ингеренции.
„Владата во вторник законот ќе го прати во Собрание. Очекуваме своите ставови пратениците да ги кажат во Собрание, а ако имаат забелешки и да поднесат амандмани. Градењето 2/3 мнозинство ќе биде во Собранието“, изјавија од министерството за правда.
Опозицијата го прифаќа владиниот предлог за интегрирање на СЈО во ЈО, но не прифаќа истото да го предводи обвинителката Вилма Русковска.
„Овој закон е предложен од Зоран Заев, знаеме дека Зоран Заев е моментално најкриминалното суштество кое што е обидува да се спаси. Така да треба да се прочита со внимание за да се видат сите скриени намери кои што веќе добро ни се познати на сите односно да се заштити самиот. Во текот на наредните денови ќе излеземе со конечен став во однос на законот“, изјави Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владеачката СДСМ одговараат со предложениот закон покажале дека за нив борбата против криминалот не познава партиска припадност.
„СДСМ докажа дека за нас криминалот не познава партиски бои. Новиот предложен текст на Законот за Јавно обвинителство е уште една потврда за тоа. Одговорност за сите овие предмети ќе има. Нема одбрана на криминалот на Никола Груевски и режимот. Секој што го прекршил законот ќе се соочи со правдата“, велат од СДСМ.
Новото СЈО ќе се преименува во ЈО за гонење организиран криминал и висока корупција со надлежност на цела територија на земјата и гаранции за самостојно дејстување, кое одговара на сегашната позиција, а сепак е во хиерархија и субординација на Јавното обвинителство на Република Македонија.
Сите обвинители од СЈО ќе продолжат да работат во ова ново обвинителство. Нивниот мандат истекува на 15 септември, а тие имаат право на реизбор, ако сакаат да се кандидираат.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ