120 семејства ги подигаат своите социјални пакети. Како дел од акцијата „Нула глад” во општина Центар, вакви кутии со храна, секој месец ќе се доделуваат на граѓани од социјален ризик за да не го поминат месецот гладувајќи.
„Пакетите ги содржат најосновните намирници, како зејтин, масло, шеќер. Пакетот е доволно за да му помогне на едно семејство да го помине месецот. Имаме доволно храна за секој месец. При крајот на месецот, нашите сограѓани од општина Центар ќе добијат пакети со кои се надевам ќе им се олесни животот“, изјави Душко Христов од банка за храна.
„Со оваа соработка што ја започнавме ќе ја пробудиме свеста кај сите граѓани да ја направиме акцијата помасовна за да придонесеме луѓето што не ги имаат најосновните потреби, односно можноста да се нахранат, да им го овозможиме тоа како нивни сограѓани“, изјави Саша Богдановиќ, градоначалник на Општина Центар.
Граѓаните велат дека оваа храна нема да им биде доволна за еден месец, но се радуваат што некој се сетил на нив.
„Ова е многу потребно за Македонија. Има многу гладни луѓе. Благодарни сме многу. Не, нема да биде доволно. Треба што почесто да биде ова“, граѓанин.
„Да помагаат повеќе, што е ова? Имаме сиромашни деца. Без работа. Болна сум. Никакви приходи немам, а седум внучиња имам. Ќерка ми е мажена со 5 деца, ама оставена. Ако работи добро, ако не, нема ништо. Тоа е животот. Колку што дадоа, фала им. Фала им и толку што дадоа“, граѓанин.
Статистиката покажува дека во Македонија, 21,9% или скоро половина милион граѓани живеат во сиромаштија, едвај овозможувајќи си еден оброк дневно.
Репортер: Данче Азманова
