Македонија

Обезбедено мнозинство за една изборна единица – помалите партии го поднесоа предлогот до Собранието

Иницијаторите за промена на Изборниот законик до Собранието и официјално ги поднесоа предлозите за измени на законот за една изборна единица на парламентарните како и за отворени листи за локалните избори. Лиле Поповска од ДОМ кој е предводник на оваа иницијатива рече дека имаат поддршка од повеќе од 61 глас во Собранието колку  што е потребно за усвојување на измените иако го немаат целосниот консензус. Вели дека во обид да добијат уште поголема поддршка разговарале и со пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ кои се против една изборна единица.

Рубин Земон истакна дека предлозите ги поднесуваат одделно бидејќи измените со една изборна единица се однесуваат за парламентарните избори, а отворањето на листите ќе биде само за локалните избори.

Од ВМРО-ДПМНЕ и натаму остануваат на нивниот став за мнозински модел. Координаторот на пратеничката група Никола Мицевски вели дека како држава не сме подготвени за избори со една изборна единица.

Од СДСМ велат дека предлогот кој го доставиле помалите партии во Собранието се уште не го виделе, но во суштина нивното залагање е да се оди со една изборна единица.

Помалите политички партии деновиве организираа и дебата на која беа поканети лидерите на сите политички партии, но таму не присуствуваа ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ, БЕСА и Алијанса за Албанците. По средбата беше договорено на парламентарните избори да се оди со една изборна единица, а за локалните со отворени листи, како и еднаква застапеност на мажите и жените.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни