Обновливите извори на енергија бележат значителен напредок во Македонија, покажуваат најновите податоци од Годишниот извештај на Регулаторната комисија за енергетика за 2025 година. Според извештајот, производството на електрична енергија од обновливи извори е зголемено за 11,43 проценти во однос на 2024 година.
Вкупното производство на електрична енергија во земјата достигнало 6.123 GWh, што е речиси на исто ниво како и претходната година.
Најголем раст е забележан кај ветерните електроцентрали, каде производството е зголемено за 32,50 проценти. Воедно, за првпат производството од фотонапонски електроцентрали го надминало производството од комбинирани централи.
Во текот на 2025 година биле изменети седум лиценци за производство на струја од фотонапонски централи, при што биле додадени системи за складирање енергија со вкупна инсталирана моќност од 7,1 MW.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, оцени дека воведувањето батерии за складирање енергија претставува важен чекор кон побрза енергетска транзиција. Според него, складирањето на вишокот енергија и нејзиното користење во периоди на зголемена потрошувачка носи директни придобивки и поефикасно функционирање на системот.
Во 2025 година биле издадени вкупно 236 лиценци во областа на електричната енергија, од кои најголемиот дел се однесуваат на производство од обновливи извори. Тоа придонело нивното учество во вкупниот инсталиран капацитет во државата да достигне 58,22 проценти.
Извештајот покажува и раст на конкуренцијата на пазарот, со активни 21 снабдувач. На берзата на електрична енергија биле регистрирани 40 компании, а истргувани се 1.371 GWh, што претставува зголемување од 41 процент во споредба со претходната година.
Во документот се наведува и напредок во процесот на интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари на електрична енергија, преку повеќе активности за поврзување и заедничко функционирање на пазарите.
