Триесет и едногодишниот охриѓанец обвинет за нападот врз својата 26-годишна партнерка е спроведен во затворот во Охрид, каде што му е определен 30-дневен притвор. Обвинителството го товари за три кривични дела — телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
Одлуката следувала по дополнителните дејствија на Обвинителството и повторното приведување на обвинетиот, кому првично му биле определени мерки на претпазливост.
„При вршење семејно насилство обвинетиот противправно ја затворил, физички ја нападнал, телесно ја повредил и ја загрозил сигурноста на една оштетена“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
Во текот на постапувањето, оштетената била испитана во присуство на социјалните служби, а било извршено и вештачење за видот и карактерот на нејзините повреди.
Повредената жена е испишана на домашно лекување од Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“. Според лекарите, нејзината здравствена состојба е добра.
Нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ. Според информациите од МВР, расправијата започнала во домот, а продолжила во автомобилот на обвинетиот.
Случајот предизвика и политички реакции. Форумот на жени на СДСМ повика на протест пред седиштето на МВР во Охрид, под слоганот „Стоп за насилството врз жените и фемицидот“, обвинувајќи ги институциите за ненавремено постапување.
Пратеничката Јованка Тренчевска побара политичка одговорност од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, тврдејќи дека потфрлиле превенцијата и постапувањето на полицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ го осудија нападот, но ја обвинија СДСМ дека го политизира случајот и се обидува да добие политички поени преку повикот за протест.
Паралелно се води постапка и против таткото на повредената жена, по пријава за закани кон семејството на обвинетиот. Против него е поднесена кривична пријава за загрозување на сигурноста и му се определени мерки на претпазливост.