Папата Лав XIV во понеделникот доживеал непријатен момент за време на прошталната парада во Перу, кога предмет фрлен од толпата го погодил во пределот на окото. Се претпоставува дека станувало збор за бројаница.
Со тоа завршила неговата серија успешни фаќања на предмети што верниците му ги фрлале додека се движел меѓу насобраните граѓани.
Папата, кој го завршуваше 12-дневното патување низ Јужна Америка, стана познат по својата умешност да ги фаќа предметите што му ги подаваат или фрлаат верниците. Досега успевал да фати кадифени играчки, знамиња, а за време на една средба на плоштадот „Свети Петар“ во Рим дури застанал за да земе и пица што му ја понудиле жители на Чикаго.
Но, во понеделникот, додека се возел во папамобилот, не успеал да фати предмет фрлен од големата толпа собрана на една воздухопловна база во Лима, пред неговото враќање во Рим.
На фотографиите и видеоснимките се гледа како папата го допира и го трие окото кратко откако предметот бил фрлен кон него додека ги поздравувал верниците на патот кон мисата. Според снимките, најверојатно станувало збор за бројаница – молитвени зрна што верниците често бараат од папата да ги благослови.
Папата продолжил со својата посета, а засега нема индикации дека претрпел повреда.
Во својата проповед, тој им се заблагодарил на Перуанците за гостопримството за време на шестдневната посета на земјата, која ја нарекол своја татковина.
Лав XIV, кој има 71 година и е љубител на тенисот, е познат по својата извонредна умешност и брзи реакции. Сепак, ова не е првпат да не успее да фати предмет фрлен кон него.
На еден претходен настан во Рим, тој му се извинил на ватиканскиот снимател кој се наоѓал во задниот дел на папамобилот, откако случајно го удрил додека се обидувал да фати предмет фрлен од толпата. И тогаш не успеал да го фати предметот.