Обвинителството достави список за повлекување сведоци во случајот „Пулс“

Постапката за случајот „Пулс“ продолжува со нови процесни предлози, откако Обвинителството денеска до сите обвинети го достави списокот на сведоци за кои предлага да бидат повлечени од понатамошното судење.

Како што е наведено, причината за ваквиот предлог е тоа што релевантните околности веќе биле утврдени преку исказите на други сведоци во текот на досегашната доказна постапка. Обвинетите имаат рок да се изјаснат по овој предлог до следното рочиште, кое е закажано за 25 март.

Воедно, Обвинителството предложи на наредното рочиште да бидат сослушани сведоците Драги Илиевски, Дејан Рашков и Виолета Георгиевска, сите од Кочани.

На денешното рочиште сведочеше Живко Ставревски, помошник-генерален инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување, кој посочи дека до 2020 година не биле предвидени редовни инспекциски надзори во општините каде што нема инспектори. Според неговото сведочење, Кочани во тој период немало покриеност со инспектор за контроли и превенција.

Судењето се однесува на пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК. Во трагедијата загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.

Доказната постапка продолжува и на следното рочиште, кога се очекува да бидат изведени нови сведоци предложени од Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.