Без струја, стари училници, скршени врати и прозорци е состојбата на основното училиште „Михаил Грамено“ во селото Малино, општина Чучер Сандево.
„Со недели учениците од основното училиште Михаил Грамено во село Малино, не го слушаат училишното ѕвонче бидејќи овде наспроти сите други проблеми, нема ни ту електрична енергија“, вели репортерот на ТВ21.
Наставникот Хаќиф Сејдиу вели дека поради недостигот на елементарни услови за 15 години си заминале над 140 ученици.
„Јас сум еден од најстарите наставници во школото. Порано имаше повеќе ученици, околу 170 ученици имаше во Малино. Со тек на времето, со менувањето на условите во овие села се намали и бројот на учениците. Сега во моментов има околу 30 ученици“, рече Сејдиу.
Министерот за образование и наука, Арбр Адеми рече дека тој не може да се занимава со проблеми за струјата, туку општината, додавајќи дека Министерството ги одвојува потребните средства.
„Министерството се занимава со креирање политики, а струја дали ќе има или не, или вода, за тоа е тука општината. Министерството одвојува средства за блок дотации за општините, за платите, струја, вода и се друго што е во рамки на трошоците за нормално функционирање на една образовна институција“, вели Адеми.
Од општина Чучер Сандево веќе три дена не одговараат на прашањата за состојбата на училиштето, а што се однесува до електричната енергија, од ЕВН велат дека се запознаени со проблемот, но обвинуваат дека дел од жителите се илегално приклучени на мрежата.