Од годинава сите царински декларации ќе се поднесуваат електронски

Годинава сите царински деклариции и акцизни документи ќе се обработуваат електронски. Ова го истакна министерот за финансии Драган Тевдовски денеска на посетата на Царинската управа.

Системот за управување со царински декларации на почетокот на февруари ќе почне да се применува на 11 пилот-проекти царински испостави, а веќе од средината на годината ќе почне да се применува во сите царински испостави во земјава.

Се вчитува...

Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи ќе овозможи и размена на податоците со другите институции, како на пример, Управата за јавни приходи при поднесување на ДДВ пријави кон кои се поднесуваат царински декларации или Завод за статистика и Народна банка за податоци за увоз и извоз.

Во првата половина од годинава ќе биде пуштен и нов терминал на граничниот премин Ќафасан. Проширувањето на царинскиот премин Ќафасан опфаќа нов увозно-извозен царински терминал од 9,5 илјади м2, пристапни патишта, објекти за царинење и други инспекциски органи како и реконструкција на постојните објекти.

Минатата година, беше пуштен во употреба новиот царински терминал на граничниот премин Табановце. Надградбата на терминалот, овозможува олеснување на прекуграничната трговија долж Коридорот 10 и спроведување на царинските постапки во модерни капацитети.

Во доменот на примена на концептот Овластен економски оператор, беше посочено дека идните активности на Царинската управа ќе тежнеат кон зголемување на бројот на издадени одобренија. преку натамошна промоција на концептот, и советување на компаниите и помош при соочувањето со новините од овој концепт.

Извор: ТВ21