Од полноќ започнува 24-часовна засилена акција на сообраќајната полиција, во рамки на која низ сите патишта во земјата ќе се спроведуваат непрекинати контроли за мерење на брзината на движење.
Како што информираат од Министерство за внатрешни работи, акцијата ќе трае во текот на следните 24 часа, а засилените контроли ќе продолжат и до крајот на неделата.
Со оваа активност, македонската сообраќајна полиција се приклучува на европската координирана акција за безбедност во сообраќајот, во која учествуваат сите членки на мрежата на европски сообраќајни полиции.
Во меѓувреме, од МВР соопштуваат дека и за време на изминатиот празничен викенд биле регистрирани 1.303 сообраќајни прекршоци. Од нив, околу една третина се однесуваат на непочитување на дозволената брзина.
Полицијата евидентирала и 26 возачи кои управувале возило под дејство на алкохол, како и 57 случаи на „безобѕирно управување“ со возило. Од нив, 6 лица биле затекнати како возат под дејство на алкохол, 23 без возачка дозвола, а 4 и покрај претходно изречена забрана за управување.
Во истиот период се одземени 22 возила согласно член 300-в од Кривичниот законик, додека 19 возачи на мотоцикли биле санкционирани за неносење заштитен шлем.
Од МВР апелираат до возачите да ги почитуваат сообраќајните правила и да возат внимателно, со цел зголемување на безбедноста на патиштата.
