Од сите земји на ЕУ: Хрватска најлошо рангирана кога станува збор за прекумерната тежина

Загребскиот весник „Јутарњи лист“ наведува дека, според податоците од последното големо истражување за здравјето на граѓаните на ЕУ, Хрватска е најлошо рангирана земја кога станува збор за прекумерната тежина.

Во текстот се наведува дека мажите во Хрватска се убедливи шампиони во дебелината, бидејќи 73 отсто од нив имаат прекумерна тежина.

Инаку, најмал број мажи со прекумерна тежина има Франција – 53 проценти.

Италија има најнизок процент на жени со прекумерна тежина во ЕУ – 37 проценти, а во Хрватска тој процент е 58.

Според проценките од публикацијата на ОЕЦД – „Тешкиот товар на дебелината“, прекумерната тежина во Хрватска се поврзува со очекуваното намалување на животниот век за три и пол години. До 2050 година, прекумерната тежина се предвидува да биде одговорна за 75 проценти од случаите на дијабетес, 10 проценти од кардиоваскуларните болести, седум проценти од случаите на деменција и пет проценти од случаите на рак.

Во хрватската статистика за прекумерна тежина, посебно преголема маса имаат 27,3 проценти од лицата на возраст од 18 до 24 години, 45,1 проценти од лицата на возраст од 25 до 34 години, 59,8 проценти од оние на возраст од 35 до 44 години и дури 66,6 проценти од лицата на возраст меѓу 45 и 54 години.