Од утре, 15 ноември, почнува да важи обврската за задолжително носење зимска опрема во возилата, која ќе трае сѐ до 15 март наредната година, потсетува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) и апелира возачите да ги почитуваат законските прописи и да обезбедат соодветна зимска опрема со цел безбедно и непречено патување при зимски услови на патиштата.
-Користењето на соодветна зимска опрема во голема мера придонесува за безбедно одвивање на сообраќајот при зимски услови на патиштата. Согласно тоа, секој возач треба да користи соодветна зимска опрема пред се заради лична заштита, безбедно одвивање на сообраќајот и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација. Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака: „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва, порачуваат од РСБСП.
Зимските гуми, посочуваат, се погодни и безбедни за сите температури под седум (7) степени целзусови.
-Во услови на ниски температури летните гуми стврднуваат, добиваат карактеристика на пластика и го губат контактот со подлогата, додека зимските гуми се изготвени од таков материјал кој и во услови на ниски температури е мек и обезбедува стабилен контакт со подлогата и стабилно управување и запирање на возилото. Покрај тоа, зимските гуми имаат таков дизајн ( шара) која овозможува полесно истиснување на водата и снегот, а со тоа се овозможува и поголема стабилност и контрола во процесот на управување и запирање на возилото, велат од РСБСП.