Во повеќе градови во државата, како и во цела Европа, во рамки на Европската недела на мобилност (ЕНМ), се одбележува Денот без автомобили, 22 Септември.
Како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), годинава поради неповолната епидемиолошка ситуација предизвикана од Ковид-19 активностите се организирани претежно преку онлајн кампањи, но за некои градови во државата тоа не беше пречка да организираат активности и со физичко присуство на граѓаните, секако, со почитување на сите потребни здравствени протоколи.
-Промоција на чекори и мерки што ќе овозможат јаглеродно неутрална средина, како долгорочна цел на Европската недела на мобилност е главна цел на организираните активности. На тој начин, особено во овие услови на пандемија од Ковид-19 што јасно укажаа на потребата од промена на секојдневните навики, МЖСПП во улога на национален координатор, се надева дека кај граѓаните, граѓанските организации и општествено одговорните компании ќе иницира подигање на свеста за зачувување на животната средина, поттикнување на помасовно користење на алтернативни превозни средства и споделување на најдобри практики за урбана мобилност од страна на градовите, стои во соопштението.
.
