Македонија

Одбележани 10 години од катастрофалните поплави во Гази Баба: „Споменот, солидарноста и одговорноста се наша трајна обврска“

Одбележани 10 години од катастрофалните поплави во Гази Баба: „Споменот, солидарноста и одговорноста се наша трајна обврска“

Со оддавање почит и сеќавање на жртвите, Општина Гази Баба ја одбележува десетгодишнината од катастрофалната поплава што ја погоди оваа општина на 6 август 2016 година, однесувајќи човечки животи и предизвикувајќи огромна материјална штета.

Градоначалникот Бобан Стефковски во својата објава по повод годишнината нагласи дека трагедијата оставила неизмерна болка и семејства без нивните најмили, истакнувајќи дека жртвите никогаш нема да бидат заборавени.

„Постојат денови кои никогаш не се забораваат. Денови кои засекогаш остануваат врежани во колективната меморија на еден народ… Нивниот спомен ќе остане вечен, а нивната судбина засекогаш ќе нè потсетува колку е непроценлива вредноста на човечкиот живот“, porača Stefkovski.

Воедно, беше изразена длабока благодарност до спасувачките служби, Армијата, МВР, пожарникарите, Црвениот крст, здравствените работници, волонтерите и сите хумани граѓани кои во критичните моменти покажаа несебична солидарност и помогнаа кога беше најпотребно.

Стефковски истакна дека трагедијата ја покажала силата на заедништвото, но нагласи и дека основна должност на институциите останува постојаното вложување во превенција, инфраструктура и безбедност, со цел подобрување на отпорноста на општината и спречување слични несреќи во иднина.

Како дел од одбележувањето на јубилејот, утре, петок (7 август 2026 година), Општина Гази Баба ќе одржи официјален комеморативен настан за заедничко оддавање почит на загинатите и испраќање порака дека хуманоста и одговорноста остануваат трајна обврска на целата заедница.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни