Основниот кривичен суд денеска донесе одлука со која подготвителната фаза завршува, а постапката против 13 полициски службеници и началници од ОВР Кочани и СВР Штип преминува во главна, јавна и усна расправа. Обвинетите се товарат за загрозување на општата безбедност и сигурност во врска со пожарот во дискотеката „Пулс“.
На самиот почеток на рочиштето, судот констатираше дека една од судијките поротнички е во роднинска врска со сопругата на еден од обвинетите. Барањето за нејзино изземање беше одбиено, а образложението беше дека нема интензивна или директна комуникација со странките во постапката.
Јавното обвинителство пред судот истакна дека останува во целост на поднесеното обвинение. Во меѓувреме, судот достави консолидирана листа на докази до обвинителството, додека одбраната поднесе свои дополнувања и забелешки на доказниот материјал.
Во расправата, одбраната на дел од обвинетите наведе дека за нив целото обвинение е спорно, без можност да се издвојат поединечни околности како неспорни. Дополнително, дел од адвокатите посочија дека паралелна постапка што се води во друг предмет претставува процесна пречка и дека е неопходно да се утврди кои факти ќе се сметаат за релевантни во овој процес.
Различни ставови беа изнесени и околу доказната постапка – дел од одбраната побара сите докази на обвинителството да се изведуваат редоследно, додека други адвокати сметаат дека не треба да се прифатат сите предложени докази.
По разгледување на ставовите, судечкиот совет донесе одлука постапката да продолжи како главна расправа. Претседателката на советот нагласи дека странките ги имаат примено доказите и дека се исполнети условите за понатамошно водење на процесот.
Во овој предмет се опфатени повеќе полициски службеници и инспектори, меѓу кои заменик-началници, инспектори и оперативни службеници од Кочани и Штип. Тие се товарат дека на критичниот ден биле службено ангажирани, но дека не презеле мерки за спречување на настанот во дискотеката, ниту реагирале на употребата на пиротехнички средства.
Обвинението го застапува обвинителката Спасенка Андонова од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.