Македонија

Одложени блокадите на границите кон Македонија: Бугарија бара дијалог наместо тензии

Одложени блокадите на границите кон Македонија: Бугарија бара дијалог наместо тензии

Бугарија испрати порака против најавените блокади на граничните премини кон Македонија, оценувајќи дека ваквите активности би можеле да имаат негативен ефект врз позицијата на земјата во односите со соседот.

Министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова, изјави дека иницијативите за блокирање на бугарско-македонската граница не се поврзани со политиките на бугарската влада и не придонесуваат за заштита на националните интереси.

„Разбирам дека постои можност невладините организации или други структури да организираат вакви настани, но од наша страна е важно да одржиме многу цврста позиција со јасно изразени права за кои се залагаме“, изјави Петрова.

Нејзината реакција следува по најавите за протест и блокирање на трите гранични премини Деве Баир, Делчево и Ново Село. Организаторот, Фондацијата Македонија, потоа го одложи протестот.

Бугарската министерка посочи дека Софија нема интерес од дополнително зголемување на тензиите со Македонија, особено по неодамнешниот инцидент со палењето на две дипломатски возила пред бугарската амбасада во Скопје.

„Нема потреба дополнително да се влегува во каналот на ескалација и да се одговара на секој случај во кој има таква провокација“, рече Петрова.

Таа додаде дека Бугарија располага со дипломатски механизми преку кои може да ги застапува своите позиции и да ги штити интересите на Бугарите во Македонија пред европските институции.

И Амбасадата на Бугарија во Скопје упати апел да се спречат блокади на граничните премини и патиштата меѓу двете земји. Апелот беше објавен преку официјалните канали на дипломатската мисија и потпишан од бугарскиот амбасадор во Македонија, Жељазко Радуков.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни