Македонија

Одреден притвор за 31-годишникот од Битола осомничен за детска порнографија

Одреден притвор за 31-годишникот од Битола осомничен за детска порнографија

Судот во Битола го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство и определи мерка притвор за 31-годишникот осомничен за кривично дело „производство и дистрибуција на детска порнографија“, информираат од надлежните институции.

Против осомничениот претходно беше донесена Наредба за спроведување истражна постапка, поради сомнение дека во периодот од април 2024 година до 1 април 2026 година, на компјутерска опрема што ја користел во својот дом, набавувал и поседувал материјали со недозволена содржина. Според информациите, станува збор за лице вработено во образовна установа.

Истрагата е резултат на координирани активности на обвинителството, СВР Битола и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, а произлегува по известување од австралиската федерална полиција, која спровела меѓународна операција за откривање на мрежи што дистрибуирале ваков вид материјали.

Во рамки на таа акција биле идентификувани повеќе корисници преку нивните ИП и електронски адреси, меѓу кои и лица од Македонија, по што биле споделени информации со домашните истражни органи.

Надлежните институции продолжуваат со проверки и во други градови, со цел целосно расчистување на случајот и утврдување на евентуална поврзаност со други лица.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни