Јавното обвинителство бара 30-дневен притвор за директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар и за тројца раководители во претпријатието, поради основано сомнение за сторени тешки дела против животната средина и природата. За ова кривично дело е предвидена минимална затворска казна од четири години.
Во моментот, осомничените се изведени на распит пред судија на претходна постапка, каде што се очекува одлука за нивно подложување на соодветни мерки.
Наредба за тестирање притисок доведена до фекална загаденост
Според обвинението, тројцата осомничени на 25 јуни дале наредба за поставување три пумпи во каналот со површинска вода во селото Вруток, во непосредна близина на пречистителната станица за вода за пиење, со цел да се тестира водениот притисок.
Лабораториските анализи покажаа дека водата со која се снабдуваат жителите на Гостивар содржела недозволено количество фекални бактерии. Како последица на ова, над 3.000 гостиварци завршија со болнички третман со симптоми на труење, дијареја, гадење и стомачни болки.
Истрагата би можела да се прошири
Од обвинителството не ја исклучуваат можноста истрагата да биде проширена и врз други лица вработени во Општина Гостивар или во ЈП „Комуналец“.
Паралелно се води истрага и за тоа кој го ставил хлорот во водата, чија концентрација, според анализите, била неколку пати над дозволениот максимум. Сепак, обвинителите посочуваат дека во оваа фаза основно сомнение за сторено кривично дело постои само за директорката и тројцата раководители.
Во Јавното обвинителство во Гостивар сè уште трае брифингот со новинарите, на кој присуствува и Републичкиот јавен обвинител.