ОКТА го зголемува попустот за дизел на 3 денари по литар и ја продолжува мерката до 6 април

Како одговор на тековната нестабилност на меѓународните цени, ОКТА го продолжува попустот што им се нуди на големопродажните и малопродажните трговци до 6 април, годинава. Дополнително, попустот за дизел се зголемува од 2 на 3 денари по литар и истиот ќе стапи во сила од денес, 24ти март 2026 година.

Оваа доброволна иницијатива на ОКТА има за цел да им овозможи на трговците овој бенефит да го пренесат на крајните купувачи во земјава. Трговците на големо и мало имаат целосна слобода самостојно да ги дефинираат своите цени, согласно нивната комерцијална политика.

Со продолжувањето на мерката и засилената поддршка за дизелот, компанијата повторно ја потврдува својата посветеност кон стабилноста на пазарот, сигурното снабдување и долгорочното партнерство со трговската мрежа во Република Северна Македонија.

Според одредени проценки придонесот кон општеството со продолжувањето и зголемувањето на попустот даден од страна на ОКТА од првичните 2 милиони евра ќе се зголеми на околу 3 милиони евра. Овој попуст што го обезбедува ОКТА е практично директна заштеда на граѓаните и домашната економија и на тој начин компанијата апсорбира дел од ценовниот шок кој произлегува од случувањата на Блискиот Исток.