Онколошки пациенти денес симболично ќе протестираат пред Министерството за здравство поради повторливиот недостиг од лекови на Клиниката за онкологија. Поради екстремно високите температури, се очекува ограничено присуство, со неколку пациентки кои ќе го пренесат барањето итно да се обезбеди непрекинато снабдување со терапија.
Ана Марјановиќ од здружението „Хема-Онко“, која и самата е пациентка, вели дека забавите и прекините во снабдувањето повторно создаваат неизвесност и стрес, бидејќи пациентите не знаат дали навреме ќе ја добијат потребната терапија. „Од мај, откако стапи во сила новиот буџет, веќе трипати недостигаа одредени лекови на Клиниката за онкологија. Овојпат не недостига само биолошка терапија, туку и цитостатици и лекови од позитивната листа. Овие прекини се повторуваат речиси секој месец или на секои два месеца и се сериозен проблем за пациентите“, изјави Марјановиќ за ТВ 24.
Последниве денови за недостигот јавно алармираа и повеќе пациенти на социјалните мрежи. Дел од нив велат дека биле вратени без да ја примат терапијата, додека пациенти од други градови секојдневно телефонски проверуваат дали воопшто има лекови пред да тргнат кон Скопје.
Недостигот на онколошка терапија е долгогодишен проблем на кој пациентските организации постојано предупредуваат. Освен нередовното снабдување со лекови, тие укажуваат и на пренатрупаноста на Клиниката, на недоволните услови за лекување и на доцнењата во програмите за рано откривање.
Со денешниот протест пациентите бараат институциите да обезбедат стабилни набавки, подобра организација и транспарентно управување со средствата за лекови, за да не се повторуваат прекини што директно го загрозуваат континуитетот на терапијата.