Општина Тетово упати итен апел до јавноста, а особено до жителите кои живеат во близина на булеварот „Благоја Тоска“, предупредувајќи дека документот кој деновиве им бил дистрибуиран на дел од граѓаните е целосен фалсификат.
Од локалната самоуправа нагласуваат дека спорното известување, кое веќе наголемо циркулира во јавноста, не е издадено од нивна страна, туку е изработено од непознати лица со цел да ги доведе граѓаните во заблуда.
Општинските власти веќе ги презеле сите неопходни правни механизми за заштита. Случајот е официјално пријавен во Секторот за внатрешни работи (СВР) Тетово, од каде се очекува целосно расветлување на настанот и откривање на сторителите.
„Општина Тетово ги презеде сите неопходни законски дејствија и случајот веќе е пријавен во тетовската полиција за негово целосно расветлување. Ќе продолжиме со сите неопходни чекори додека овој случај не се разјасни до крај“, се вели во соопштението од општината.
Од Општина Тетово потсетуваат дека секое официјално известување, одлука или информација се споделува исклучиво преку нивните официјални канали за комуникација.
Локалните власти упатија порака и до јавноста и до медиумите:
- Граѓаните да бидат претпазливи и да не потпаѓаат под влијание на непроверени материјали.
- Медиумите да ја проверат точноста на секоја информација поврзана со општината пред нејзиното споделување, со цел да се спречи ширењето на дезинформации.