Орбан: Зеленски ми се заканува, додека унгарската опозиција е на страната на Киев

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски му упатува закани, додека, како што наведе, „унгарската опозиција застанува на страната на Киев и Брисел“.

Орбан на платформата Икс напиша дека планот на Европската унија и Украина е воспоставување прoукраинска влада во Будимпешта која би испраќала унгарски пари во Киев и би ја одвоила Унгарија од евтините руски енергенси.

„Ќе ги браниме интересите на нашата нација. Сметајте на тоа“, порача Орбан.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во четвртокот изјави дека никој не може да ѝ се заканува на Унгарија или на нејзиниот премиер. Тој реагираше на изјавата на Зеленски дека би можел „да даде адреса на една личност во Европската унија“ која ја кочи европската помош за Киев, за украинските војници „да ја повикаат и да разговараат со неа на свој јазик“.

„Ова ја надмина секоја граница. Ова е Украина. Ова е видот на ‘култура’ што доаѓа од Киев. И ова е човекот што Брисел го почитува и земјата што сакаат забрзано да ја примат во Европската унија“, напиша Сијарто на платформата Икс.

Тој додаде дека, без оглед колку Зеленски се заканува и колку тесно соработува со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и со лидерот на Европската народна партија Манфред Вебер, Будимпешта нема да дозволи Унгарија да биде вовлечена во војната.