Македонија

Ордановски: Новинарството станува заменлива професија, вештачката интелигенција го менува светот

Ордановски: Новинарството станува заменлива професија, вештачката интелигенција го менува светот

Новинарската професија се соочува со големи промени поради развојот на технологијата и вештачката интелигенција, оцени политичкиот аналитичар и новинар Сашо Ордановски во емисијата „Ноќно Студио“ на 4ТВ.мк.

Според него, новинарството во светот генерално бележи пад на квалитетот, но постојат медиуми кои сè уште успеваат да ги задржат професионалните стандарди.

„Има центри на новинарство во светот кои сè уште држат до сопствените стандарди, но тоа главно се медиуми на англиски јазик, каде што публиката е огромна и можностите за заработка се многу поголеми“, рече Ордановски.

Тој смета дека малите јазични пазари, како македонскиот, се соочуваат со дополнителни проблеми поради ограничената публика и намален интерес за квалитетни медиумски содржини.

Ордановски посочи дека новинарите стануваат сè повеќе заменливи поради алатките со вештачка интелигенција.

„Денеска со вештачка интелигенција можам за 10 секунди да добијам подобра анализа на некој меѓународен договор отколку од новинар специјализиран за надворешна политика кој треба да следи, да истражува и да инвестира време“, изјави тој.

Според него, дополнителен проблем е што технологијата нуди резултати побрзо и поевтино, што ќе биде голем предизвик за иднината на медиумите.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни