Македонија во моментов нема реален напредок кон Европската унија, а причината, според политичкиот аналитичар Сашо Ордановски, е неподготвеноста за компромиси што се потребни на европскиот пат.
Во емисијата „Ноќно Студио“ на 4ТВ.мк, Ордановски оцени дека граѓаните сè повеќе ја губат вербата во институциите и политичките процеси, што создава општествена апатија.
„Кога имате цинична јавност, дури и да имате добра политика, не можете да добиете доволна поддршка за да ја реализирате“, рече Ордановски.
Тој посочи дека граѓаните сè почесто ги користат изборите како начин за казнување, наместо како избор на политичка понуда.
Според него, големиот број неважечки ливчиња на последните избори бил јасен сигнал на незадоволство.
Осврнувајќи се на европската интеграција, Ордановски оцени дека иако политичките партии често зборуваат за ЕУ и реформи, практично спроведувањето на тие политики е многу послабо.
„Ние сме болно општество на овој начин, повеќе за бајачки отколку за доктори“, изјави тој.
Ордановски смета дека актуелната влада не е подготвена да ги направи компромисите кои се неопходни за продолжување на европскиот процес.