Македонската амбасада во Обединетите Арапски Емирати упати итно известување до македонските државјани во Бахреин за претстојната евакуација.
В среда, на 11 март, во 06:00 часот наутро од Манама поаѓа организиран автобуски превоз кон меѓународниот аеродром во Ријад, Саудиска Арабија. Од оваа собирна точка, граѓаните со специјален владин лет ќе бидат вратени во земјава.
Оваа активност е дел од координираниот процес за евакуација од Блискиот Исток што го најави министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
Тој потврди дека е воспоставен 24-часовен кризен механизам преку дипломатско-конзуларните претставништва со цел безбедно извлекување на сите наши државјани до крајот на неделава.
Ова е трета ваква комплексна операција на државата во последната година, активирана како одговор на ескалацијата на безбедносната криза во регионот.
